Засадени нови 1500 дрвца: Многу насмевки, спомени и сонце
Еко Тим билдинг во регионот на КумановоЗасадивме нови 1500 дрвца, ја испромовиравме „Бислимска Клисура“, го запознавме селото Пчиња и дадовме поддршка на локалното население. Секој момент исполнет со радост.
Во пресрет на 26-ти март, датум кој светот го одбележува како ,,Интернационален ден за садење медоносни растенија", тимот на Кајак заедно со компанијата „БтоБет“ засадија нови 1500 багремови дрвца, во знак на отпочнување една нова еко приказна и создавање подобра иднина за новите генерации.
Ние сме среќни што запознавме толку позитивни, млади и амбициозни луѓе кои се дел од „БтоБет“ и драго ни е што компанијата „БтоБет“ стана дел од нашето големо семејство еко одговорни компании. Со засадувањето на 1500 дрвца компанијата ни се приклучи во битката за зачувување на животната средина.
По акцијата за пошумување заедно со нашиот нов локален херој Мартин, прошетавме низ бислимската клисура, област која според нас ги чека своите славни денови. Оние коишто досега ја немаат посетено клисурата, наш совет е да одвојат ден за истражување на регионот.
Патеката низ клисурата започнува од село Пчиња. Ова селце се наоѓа во прекрасна област. Низ него поминува истоимената река Пчиња, која за жал на одредени места се гуши од диви депонии кои се дело на несовесните граѓани.
Се надеваме дека апелот на Кајак и волјата на многу компании да ја развиваат еколошката свест, ќе допре до секој поединец да ја штити и негува животната средина. Сметаме дека нашата енергија е посилна од несовесноста на одредени поединци загадувачи и дека ќе успееме да ги запреме од несовесното фрлање отпадоци.
Денот ни заврши со пикник на отворено во дворчето на нашите нови домаќини, семејството Митевски кои нè нагостија со домашна традиционална храна, подготвена од локални продукти. Семејството Митевски важи за еден од најголемите производители на грав и бел сончоглед во Македонија и драго ни е што од денеска е дел од нашите гастрономски дестинации. Во дворчето највредна беше Симона, најмалиот член на фамилијата која неуморно си ја одработи својата задача.
„БтоБет“ е уште една компанија херој која ги засука своите ракави и се вклучи во нашата еко кампања. Нивна акција за пошумување ќе ја паметиме по младиот дух на вработените кој зрачи позитива.
ЛОКАЦИЈА