22.11.2023
Со години го обработувам македонскиот рубин: Највредното камче на Македонија
Со години го обработувам македонскиот рубин: Највредното камче на Македонија
Тимот на Кајак.мк денеска ќе ве запознае со човекот херој чија
приказна вреди да ја прочитате и да дојдете до знаење дека на секој еден од
нас патиштата до успехот се трнливи, но мора да чекориме по нив за да го
изградиме светот во кој сакаме да живееме.
Денеска ќе ве запознаеме со Деан Шкартов, уште еден наш локален херој кој ја надополнува нашата листа со луѓе кои прават мали нешта од огромно значење за развојот на туризмот. Деан е познат на јавноста по неговото промоторство на македонскиот рубин, по неговите уникатни дела од рубин, по неговите комбинации со минерали, а познат е и по неговата музичка кариера во неколку македонски состави.
Деан го затекнавме во неговата мала продавничка којашто се наоѓа во срцето на македонскиот главен град, а во која тој денеска ги презентира камењата пронајдени под површината на земјата. Продавничката на Деко, во која тој ги прави првите чекори и за промоција на, како што вели, македонскиот рубин, посетителите веруваат во нивната позитивна енергија и лековитата моќ.
Приказната за тоа како дошло до отворање на ваква работилница и продавница ни ја раскаже Деан во целост, од неговите почетоци, потрага по подобар живот и се до пронаоѓањето на светот во кој тој денеска живее. Бидејќи приказната ни се допадна баш таква каква што ни ја раскажа Деан, ние во Кајак.мк одлучивме да ви ја споделеме целосно во наративна форма. Можеби ова е една од ретките приказни коишто вака ги споделуваме, но дефинтивино приказната вреди да се слушне како што тој ја раскажува:
„Јас сум Деко од Мичурин и уште од основното училиште, менторирани од учителката Милка Јуруковска, бевме инволвирани во музичкиот амбиент. Најпрвин со хармоники, кои подоцна, по откривањето на албумот Made in Japan на Deep Purple, скокнавме на гитари и органа. Јас свирев клавијатури најпрвин во Коцка лед 78-82), во Бадмингтонс (83-86) по што преминавме во Александар Македонски (86-88). Прилично зрел опус почувствував во последниот бенд од таа фаза - Клержо (до ‘91).
Таман требаше заслужено да истапиме на Ју сцената, земјата ни се расцепи на два дела па ги загубивме можностите за градење кариера надвор од Македонија. Година дена претходно дипломирав на Земјоделскиот факултет но тогаш ми пропадна можноста да започнам кариера како помлад асистент во Институтот за овоштарство“.
Имав роднини па со белиот свет се соочив во Трст, Италија. Таму сосема друга атмосфера: плажа и бањалиште на морето, темно исончани убави девојки на веспи, дуќани, супермаркети, раздвиженост. Но за жал, таму не можев да најдам постојана работа во првите неколку месеци, туку само нешто привремено, мали поправки или асистенции на стари и хендикепирани лица.
Во меѓувреме започнав да пополнувам апликации за емиграција на подалечни дестинации како агроном. Во тој контекст, успеав да добијам прием кај господинот Примо Ровис, почесен конзул на Хондурас и на сите латино американски држави, најголем градски мецена и милијардер од бизнисот со кафе.
Тој ме прими, ме сослуша и ми рече: “Ако
си вреден, чесен и културен, сигурно ќе си најдеш работа. Добро е да не одиш во
јужна Америка затоа што таму ситуацијата не е баш добра за градење кариера, ако успееш овде да најдеш било каква работа,
војната ќе помине, а
ти ќе бидеш блиску за да се вратиш дома! Ќе се обидам да ви помогнам…” ми рече
и срдечно ме поздрави.
Јас бев импресиониран од него, од неговата големина, но особено од неговата обична
човечност! Среќен и полн со енергија
тргнав да си ја барам среќата понатаму.
По десеттина дена, ме повикаа од неговиот уред, ми понудија два-три дена ангажман, кој на неколку пати се продолжуваше, а заврши со мое вработување на создавањето на неговата приватна јавна колекција на природни минерали, кристали и фосили и тоа уште од самиот почеток.
Тоа беше во 1992-та година. Така се запознаав со фасцинантниот свет на минералите и
кристалите, со кој никогаш до тогаш не сум имал искуство, затоа што никогаш
никој така не ни ја претставил
нивната убавина и природа.
Сосема ме обзема тој свет. Природен свет на бои, форми и
на нивни безбројни комбинации. Стотици милиони години на процеси на нивното
формирање во кората на Мајката Земја. Од друга страна, посебно инспиративни беа
луѓето кои ги среќавав. Научници, професори, мераклии колекционери и многу
поединци или групи со
аспирации кон светот на Духовноста. Прв најважен испит на факултет ми беше
Ботаника каде најинтересната и најсложена лекција беше за Фотосинтезата.
Професорката Радмила Групче прекрасно ни ја објасни, па мене ми остана
импресијата како тоа да е магичен процес на синтеза на органска материја од
неоргански компоненти - создавање на Животот!
На сличен начин се соочив со препораките дека Кристалите имаат влијание со својата енергија и вибрации врз нас луѓето но и на целиот амбиент околу нив. Тоа ми беше ново! Започнав да читам и да истражувам, а највеќе да слушам од поискусните посетители за нивните искуства. Тие мисли ги пренесував на другите посетители и така и самиот зреев и напредував во презентациите. Дури и пробував на себе дали и како делуваат.
Сепак, базичната идеја кога си отидов од дома беше да
стекнам искуство, можеби да заработам и пари, па да се вратам дома и стекнатото
да го вложам тука.
Тој исчекор се случи пролетта 2001 од кога започнав да ја преставувам колекцијата на
саемските манифестации, а со
тоа да го тестирам интересот на нашата публика. Наредната 2002 година го
отворивме Дуќанчето кај грчката амбасада, наспроти сенвичарницата „Седмица“.
Во таа фаза не бев занаетчија туку трговец и промотор на културата на препознавање на природните кристали и камења, бидејќи на пазарот има многу имитации и манипулации.
Уште на самиот почеток, слушав муабети дека во
Македонија, демек, имало рубини, но тоа го сметав за претерување. Но кога
истото ми го кажаа и експерти - веќе се заинтересирав. Најдовме примероци, ги
носев на анализи каде и да патував, па на крај излезе дека Македонија навистина
да ти имала природни рубини во својата почва! Ајдееее …!!! Да видиш - а да не
веруваш! А никогаш не сме учеле за тоа, ниту се спомнувало како посебност, како
што во меѓувреме се рашири информацијата за Лорандитот од Алшар.
Затоа основниот инстинкт ми рече: Кога веќе си имаме Рубин тогаш мораме да научиме да го обработиме. Така започна неколку годишната потрага по учител кој ќе не’ научи како се брусат скапоцени камења, бидејќи тоа беше област не доволно експонирана како останатитие хоби занаети.
Сепак, благодарение на долгогодишните познанства со добри
и дарежливи луѓе, полека полека напредувавме, а во 2006 година, на саемот на
ракотворби во хотелот Арка, нашиот прстен со Македонски Рубин вграден во рачно
изработено сребро ја доби првата награда, што воедно започна и неговата промоција.
Интересот на клиентите на почетокот беше скромен и спорадичен, бидејќи во тоа време воглавно не се имаше многу доверба во локални брендови во накитот. Аспирациите беа да се има парче накит од Милано, од Париз или од Њујорк.
Лево е Принцезата од Савоја - Беатрис, додека Деко и презентира кристална кугла, а во средина е големиот Примо Ровис.
Продолжете со читање на приказната со еден клик ОВДЕ, а доколку сакате да го посетите како група и научите многу повеќе од него испрате барање со еден клик ОВДЕ.
Блог
Препораки
Прочитајте повеќе

Изнајмуваме нови модерни кампери: Нова авантура низ Македонија
Изнајмете Кампер! Истражувајте ја Македонија на еден поразличен начин!

Рустична вила во близина на старата кумановска бања, идеална за цело друштво
Сместена во близина на старата Кумановска Бања, оваа куќичка нуди уникатна атмосфера со автентичен стил и мирна околина.

Вистински рај во Македонија: Оваа дестинација е идеална за приватни седенки со вашите сакани
Кајак.мк не промовира само туризам, туку промовира и начин на живеење. Нашите сместувања и дестинации не се наменети за прослава, алкохол, гласна музика, туку се наменети за поминување квалитетно време во природа каде ќе бидете изолирани од секојдневниот хаос и стрес.

Во Македонија има вила со базен изолирана во борова шума
Вилата е изградена во автентичен планински стил, нова градба која ви нуди исклучителна приватност и уживање покрај отворениот базен.

Во Македонија постои една уникатна вила скриена во село Ореовец
Во самото село од денеска можете да резервирате уникатна вила со квалитетен ентериер, која ќе ве овозможи бегство од градскиот метежот.

Во Македонија се отвори првата јапонска градина во која можете да престојувате
Денеска, ве водиме во село Довезенце, каде на прекрасна локација со површина од над 400 метри квадратни има ново уреден простор кој за разлика од досегашните наши дестинации е поразличен по своето уредување.