Градината на Филип

Каде во Прилеп?

Градината на Филип Контакт наскоро

Можеби дел од вас веќе сте слушнале за „Градината на Филип“, а за оние кои првпат ја читате неговата приказна, драго ни е што нашиот тим успеа да ве запознае со уште една позитивна личност која вложува љубов да го промовира регионот во кој живее.

Станува збор за Филип, млад и амбициозен земјоделски инженер кој е посветен на градинарството и цвеќарството, поет за деца и за возрасни со пет објавени книги и препреви на други јазици.

Филип раскажува дека работата со земјата и животните го привлекувала уште од осум години кога за првпат насадува бавча со дедо му Илија.

Минатата година се одлучил да купи свое парче земја и куќа во викенд населбата Маркова чешма викано „Сечена глава“ која се наоѓа во близина на Прилеп. На ова локација создал свој рај од градина, место со кокошки, шатки и скромен дом.

Филип вели дека во моментов куќата и градината се во развојна фаза, а продуктите кои ги одгледува му служат за домашна потреба. Во неговата градина може да се најде грашок, тиквички, салати, цвекло, морков, домати и пиперки. Сончогледи одгледува како украс кои заедно со цвеќињата му ја разубавуваат градината.

Од овошје вели дека минатата година позадил круши, јабокла, мушмули, дуњи, кајсии, сливи, вишни и смоква, а за одгледувањето на растенијата друштво му прави неговото куче Хана и триесетината кокошки од кои десет се несилки, а другите се се уште млади.

Градинарскиот дел од градината предвидено е да зафаќа површина од 900 квадратни метри но за сега се обработува помалку од третина. Градината е фабрика под отворено небо и во секој период од годината има што да се работи но и што да се јаде. Од рана пролет започнува со засадување моркови, грашок, кромид, лук, потоа спанаќ, па домати, пиперки, краставици, цвекло, бамја, шери домати, тиквички и ред друго. Тој засадува повеќе цветни видови како џунџулиња, гладиоли, кани, далии. Во градината може да се сретне и рузмарин, а како што вели сончогледот му е заштитен знак.

Поради кокошките, секојдневно е во градината од 7 часот наутро. Започнува со хранење на живината, чистење на нивното живеалиште и промена на водата. Потоа следува обиколка низ градината и градинарски операции во зависност од годишното време. Според него, потребно е и набљудување а не само физичка работа. Тој чин на комуникација и споделување љубов е најважен, смета Филип и додава дека денот завршува со прибирање на кокошките, залевање на градината и поглед кон зајдисонцето.

Семејството на Филип е мало и неговите членови имаат свои проблеми и обврски, па од тие причини самиот се грижи за сопствената градина. Вели дека до душа чека да дојде пролет за да си купи коза. Неговата идеја е да изгради еден затворен систем на производство кој пред се ќе обезбедува храна за него и семејството, а останатото ќе го нуди на љубителите на еко храната.

Правејќи осврт низ тоа што го поминал во животот, Филип вели дека градинарството му прераснало како животна опсесија на негови 7 години кога ја насадува првата бавча. Од тогаш започнал со огледување зајаци и кокошки, а од петто одделение продавал на пазар.

Кога дошло време за студии, неговиот татко Александар му помогнал да се запише на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и да се изгради како дипломиран земјоделски инженер во насоката градинарство и цвеќарство.

Филип е фокусиран на обработка на почва која не е хемиски третирана. Внимава да градинари според принципите на традиционалното, еколошкото и премакултурното производство. Внимава да балансира научно и практично, љубовно и прагматично.

Изминатата пролет и лето за првпат понудил производи кои може да се нарачат и купат. Еколошки кошкини јајца, сок од ајдучка трева и сируп од нане. Производите кои ги има на залиха за продажба ги објавува на фејсбук страницата „Градината на Филип“ од каде може истите да се набават.

За сокот од нане вели дека се подготвува така што се берат триесет свежи цветови од ајдучка трева, се мијат и се ставаат во вода со кришки лимон. Таа смеса треба да преноќи, да се додаде шеќер и да се додаде лимонтус. Потоа смесата се процедува и се собира во стаклени стерилизирани шишиња. Сокот треба да одстои во фрижидер и веќе е подготвен за пиење. Има вкус кој потсетува на швепс. Мило му е што генерално за соковите има интерес и на купувачите им се допаѓаат. Јајцата веќе се трошат редовно на малку потрошувачи затоа што засега количините се многу мали.

За тимот на Кајак.мк Филип открива дека сака да јаде и да готви, но обожава и кога други му готват. Ужива да дегустира јадења што се дел од македонската кујна, особено автентични за локални места, градови, села.

Вели дека неодамна можел да проба комат и месо испечен под сач во домаќинството Пирустија Неданоски во Романе, а што се однесува до неговите специјалитети обожава да готви ориз и грашок на негов специфичен начин, полнети пиперки, а заљубен е и во италијанската кујна па неретко прави специјалитети од тестенини.

Градинарството и природата ги комбинира со поезијата која му прави чудесен спој и го исполнува со среќа. Насоката во иднина е градината да нуди едукативни посети и предавања, а моментално Градината на Филип ја има и во етер како радио и ТВ емисија на мултимедијалниот медиум Радио Пела.


ЛОКАЦИЈА

*Точната локација ќе ја добиете откако ќе извршите резервација. Локалцијата ви ја праќаме откако ќе потврдите резервација бидејќи се соочуваме да пристигнуваат многу гости во сместувањето кои немаат резервирано, а тоа го нарушува мирот на гостите кои се во моментот во сместувањето.

Остави Коментар