27.12.2021

Успеавме бидејќи раскажуваме приказни кои може да се вкусат

Успеавме бидејќи раскажуваме приказни кои може да се вкусат

Успехот кој го постигна Кајак.мк во 2021-ва со заокружени четири милиони прочитани страници зависесеше од начинот на кој ги раскажуваме приказните пред луѓето кои се желни за патување.


Новата ера на туризмот во Македонија која ние ја пропагираме не се базира на класични патешествија кои се постојано дел од нас, туку новата ера ја базиравме на она кое луѓето ќе го слушнат од локалното население, приказните кои ќе може да ги помирисат кога ќе влезат во просторот каде што владее Кајак, а кој простор ќе ги поттикне да ја прифатат вистинитоста која значи туризам.

Ние ја славиме 2021 година со приказните на локалните жители значајни за туризмот, а нашата желба за 2022 година е да откриеме што е можно повеќе локални херои, желни да ја раскажат својата приказна и приказната за местото во кое го поминале целиот свој живот.

За нас, ова е најважната работа поради која постоиме.


Свесни сме дека секогаш ни требаат добри мотиватори, луѓе кои се борат за да докажат дека Македонија е земја каде миксот од култури, традиции, храна и приказни е еден совршен рецепт за оддржлив туризам.

Годината ќе ја заокружиме со уште една мотивирачка приказна, за група локални жени крушевчанки, кои собрале храброст да се соединат за да ја раскажат нивната крушевска приказна која ќе биде причина за туристите да го посетат Крушево.


Оваа група крушевчанки брои 30 локални жени кои меѓусебно се познаваат, тие се локални хероини кои прават мали нешта од огромно значење за развојот на туризмот во Македонија.

Денешната приказна ќе ви ја раскажеме заедно со Лефкија Гажоска, координатор на Платформата FeelKrusevo и иницијатор да се здружат трите здруженија, но и една од најдобрите домаќинки на нашите тим-билдинг патувања кои ги организиравме во Крушево. 


Сончевиот викенд во Крушево ни овозможи да го испиеме кафето во дворот на старата училишна зграда која нивното здружение со помош на градот успеало да ја реконстурира и да ја пренамени за групите туристи кои љубопитно ги изучуваат деталите на влашкиот живот во Крушево.


Лефкија ни ги раскажа почетоците на нивната организација. Сите жени кои се дел од ова здружение имаат индивидуално искуство во одредени дејности, но пред три години ги здружуваат своите сили и отпочнуваат еден нов проект кој има цел да го промовира Крушево на еден поинаков начин.


Горди на тоа што го постигнале во време на пандемијата и среќни што се повеќе туристи се заинтересирани да се запознаат со традицијата на Влашката заедница во Крушево, да слушаат влашка музика, да ја вкусат влашката кујна и секако да научат по некој збор од влашкиот јазик.

Она кое ние успеавме да го забележиме додека дегустиравме од богатата трпеза подготвена од вештите раце на овие жени беше фактот дека тие се среќни и исполнети од ова што го работат, постојано набљудувајќи на масите да има сѐ.  Храната која ја приготвуваат овие крушевски домаќинки е во зависност од тоа што ќе побараат гостите а воглавно се крушевски и влашки јадења.


Лефкија вели дека имаат организирано голем број на гастрономски искуства, а во зависност од барања на гостите тоа може да биде од класична закуска, дегустација па се до ручек или вечера.

А доколку се слави некој празник, на пример Св. Никола- трпезата може да биде посна, а доколку гостите не постат, тогаш може да се подготви ловечка трпеза со месо од дивеч, надополнето со влашка пита, влашка погача, овчо или козјо сирење, питулици со изварка или лук, чомлек, грав со колбаси и селско месо со печурки.

Секако овде не се изоставува ни домашната ракија а ни ликерот од вишни или оревчиња и секако локумот, целувките и познатите крушевски гурабии со вино или слатко од сливи.

За овие жени нормално е на масата да има лут ајвар и лутеница, макало од пиперки или пинџур, а во зависност од сезоната на трпезата може да се најде и печена тиква со мед.


Доколку поразговарате со крушевските жени ќе забележите дека секоја од нив си има свои интересни способности. Некоја подготвува традиционални рецепти, здрави и домашни лековити сирупи, а друга ќе ви рече дека произведува ликери, трета дека има искуство во производство на масти од лековити билки, како и мармалади, слатко од шумско овошје, како и ред други продукти кои може да ги пронајдете во нивните визби.

Во оваа приказна важна улога нема само храната, оваа приказна е и за начинот на живеење и размислување на овие крушевски жени.  За нив храната има своја приказна, предметите со кои ја подготвуваат имаат своја приказна, исто и предметите во кои се готви храната имаат своја историја и приказна, секоја од жените во организацијата има своја приказна, а исто и објектот каде гостите ја имаат можноста да ја дегустираат храната има своја необична приказна.

Лефкија вели дека секогаш работат и на промовирањето на значајни имиња од крушевската историја, како на пример македонскиот Шекспир- Васил Иљоски, кој е роден во Крушево и чија спомен соба ќе биде ставена во употреба со неговите лични работи, награди и признанија во 2022, кога всушност ќе се слават 120 години од неговото раѓање.


Ова здружение на жени започнало да функционира непосредно пред почетокот на пандемијата. Се сеќаваат на неколку убави моменти кога сите активности кои ги оддржувале претходно биле организирани во дворот на типична влашка куќа и во нејзината внатрешност, но со новонастанатата ситуација активностите ги префрлиле во уредениот простор од старата училишна зграда која исто така има карактеристики на стара крушевска градба, која со помошта која ја добиле од општината ја уредиле со традиционални елементи од стара крушевска куќа од 19-ти век.


Здружението на жени денеска соработува и со „Центарот за Хумани Односи“ каде воглавно членуваат млади средношколци и студенти кои се посветени на инклузијата на лицата со потешкотии, како и на нивните биолошки или згрижувачки семејства. Со здружени сили сите заедно помагаат преку учество во активности како собирање лековити билки и чаеви, лепење етикети и пакување на производите.


За овие хероини најважни се импресиите на гостите. Најголемиот подарок кој може да го добијат се насмевките и задоволните лица на гостите. Искреноста, отвореноста и гостопримливоста се нивната главна водилка во новата година. Отвореноста на крушевчани и крушевчанки се главната причина поради која приказна како „FeelKrushevo“добива се поголеми размери.

Најважно од се е фактот дека приказната на „Крушевски жени“ успева да се развива бидејќи овие локални хероини раскажуваат приказни кои можат вистински да се доживеат. 

Остави Коментар

Прочитајте повеќе

Во Кадино се отвори нов хотел со спа, фитнес и бар со панорамски поглед

NEST Suites во Кадино со свој спа и фитнес центар и Rooftop bar.

Јас сум Борче Стојков и произведувам вино кој може да си го дозволи секој

Денеска ве водиме во селото Стањевци, селце кое брои само 40 жители. Селото е одалечено 40 километри од Свети Николе и е на надморска висина од 500 метри.

За првпат во Македонија: Се отвори Комитски Конак во село Плешенци

Комитскиот конак во село Плешенци е уникатна приказна која започна да се испишува.

Нова планинска куќа во село П’клиште

Станува збор за нов објект кој има концепт на планински дом, со опремени соби за ноќевање, заедничка кујна, дневна просторија за дружба и простран двор со изградена фурна.

Се отворија новите дрвени планински куќички во Крушево

Планинските крушевски конаци ги отворија своите врати за гостите на Кајак.мк.

Велешанецот Најдовски гради успешна пчеларска приказна

Kога пишуваме за велешанецот Благојче Најдовски, ни се испреплетуваат многу битни информации, бидејќи неговата животна кариера, љубовта кон земјоделието и животното секојдневие се толку многу испреплетени, што можеме да ви потврдиме дека тој и додека спие-работи.