Дедо Димо: Куратица

Каде во Охрид Разговарај на Viber Јави се на телефон

Гастрономско искуство во Куратица Дополнителни информации и резервации може да се добијат на еден од следните броеви: 046 279 595 / 075 687 775 / 071 816 002

Горан Ангелоски за нас е еден од локалните херои кои треба да добијат огромно внимание поради фактот дека неуморно го промовира овој крај на Македонија и создава нови приказни кои вреди да се доживеат.

Една таква приказна е етно ресторанот „Дедо Димо“ кој е официјално отворен во 2017-та година. Горан се сеќава дека отворањето било проследено со многу забава, гости и огномет. Запрашан за тоа како овој ресторан го добил името „Дедо Димо“, Горан на тоа ни одговори дека тоа е посебен повод и приказна во чест на нивниот пра-пра дедо Димо. Приказната за „Дедо Димо“ датира од 19-ти век, пренесувана од колено на колено од страна на прадедовците на фамилијата и од селаните на Куратица.

Интересен е фактот дека за „Дедо Димо“ немаат точни информации кога е роден и кога починал, но според кажувањата тоа било кон средината на 19-ти век. За него се зборува дека водел грижа за Куратица, а најголем впечаток оставила храброста на дедо Димо да се справи со разбојниците кои честопати влегувале во селото, краделе и правеле пакост. Еден ден, селаните го известуваат Дедо Димо дека разбојниците му го одзеле најубавото јагне. Димо знаејќи дека ќе побегнат кај Зенго чешма која денеска се наоѓа помеѓу Сирула и Злести, се упатил кон местото со неговите пушки „Мартинки“.

Додека разбојниците го печеле јагнето со песни и забава, Димо ги наредил своите пушки во радус околу нив и ги чекал до крај да го испечат месото и да седнат на софра. По припремата на јагнето, дедо Димо почнува да пука со пушките од сите страни. Мислејќи дека се нападнати од поголема група селани, разбојниците побегнале и го оставиле испеченото јагне на софрата. Дедо Димо го зел јагнето и го однел на сред село каде ги почастил мештаните.

Но, во тој момент, додека главниот разбојник Зенго (по кој денеска е именуван извор) бега, му паднала табаќерата. Зенго пуштил абер кај Дедо Димо да му ја врати табаќерата, а со тоа му ветува дека нема да прават повеќе зулум низ селото.

Но и дедо Димо пуштил абер назад дека табаќерата може да дојде да си ја земе лично тој од неговата куќа.

Зенго заедно со неговото воружено друштво доаѓаат во селото каде ги пречекува лично тој. По неколку минути разговор, дедо Димо ги убедил да го спуштат оружјето и им рекол „Добредојдовте дома, во ова село јас сум јас главен, а не вие“.

По сребата и помирувањето Димо му ја враќа назад табаќерата и од тој ден нема повеќе немири и разбојништво во селото. Денеска, селото го чествува неговото херојство, а неговите внуци го чуваат и негуваат неговото име. Ресторанот „Дедо Димо“ важи за еден од најдобрите гастрономски дестинации во овој крај на Македонија, а верувајте дека околината е прекрасна.

Со ресторанот менаџира сопругата на Горан и неговите две ќерки кои се одговорни за набавката, резервациите и останатите активности, додека пак музиката, самата изградба и проширување на објектот е препуштен на Горан, што на некој начин ваквата поделба на обврските ја прави формулата за одлична фамилијарна организација.

Горан вели дека на почетокот започнале со промоција на ресторанот на социјалните мрежи, но сега задоволството кај гостите кои еднаш ги посетиле е главната причина да имаат постојано гурмани во ресторанот. Секој задоволен гостин доаѓа повторно, а со себе носи сови пријатели и роднини, додава тој.

Како најбитен дел во работата на ресторанот е вкусната храна, која мора да биде свежа и локална. Како специјалитети на кујната се издвојуваат мусака, сарма, селска манџа, тавче гравле, ѓомлезе, питулици, домаѓен ајвар, пинџур и лутенка. Овде се фамозното макало, коматот, домашното лепче од фурна, домашните колбаси, месото во каче, селското месо во домашно лепче, сирењето и киселото млеко кои се произведени од локалното население. Како врв на кујната се специјалитетите под сач или во фурна и други специјалитети кои понекогаш ги нема на мени, а знаат да бидат достапни на трпеза.

Горан е среќен што сè почесто им доаѓаат голем број гости од другите градови на Македонија, а во летниот период сè поголем е бројот на странски туристи.

Тој вели дека доколку еден турист сака да ужива во активниот туризам во Македонија, тоа ќе може да си го дозволи во Куратица. Куратица нуди прекрасен поглед кон двете најголеми езера во Македонија, а покрај гастрономското искуство се нуди и „Off road“ авантури со џипови и АТВ мотори, јавање магариња, прошетки во природа до Мазатар кој е 1626 м.н.в и Плаќенска планина со Сталев камен на 1999 м.н.в.

Доколку има интерес од поголема група, Горан организира кампувања во природа во шатори кои се во сопственост на „Дедо Димо“, а за љубителите на планинскиот велосипедизам, крос мотори и планинарење овде се обележаните планински патеки во сите насоки кои континуирано се надоградуваат. Измината година во соработка со познатиот македонски фотограф Стојан Стојановски (кој е еден од најдобрите промотори на Македонија преку фотографија) реализирале неколку астро тури за љубителите на ноќното небо и ѕвездите. Секој може да се приклучи на турата и да доживее една уникатна вечер под отворено небо. Присутните добиваат фотографија со млечен пат.

Она што ние од Кајак го очекуваме е официјалното отворање на сместувачкиот капацитет кој ќе го понуди „Дедо Димо“ а кој во секој случај ќе биде дел од нашата база на приватни сместувања.


Дополнителни информации и резервации може да се добијат на еден од следните броеви:046 279 595 / 075 687 775 / 071 816 002  како и на

 www.dedodimo.mk   https://www.facebook.com/EthnorestaurantDedoDimo

ЛОКАЦИЈА

Остави Коментар