Пирустија Неданоски

Каде во Охрид

Гастрономско искуство во Пирустија Недановски

Селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ е сместено на планината Галичица. На само 3,5 km по асфалтен или друмски пат (пешки или со кола) во склоп на Национален парк Галичица и прекрасен поглед кон Охридско Езеро, сместено во типично рурална средина и недопрена природа. 

Ако ви е доста од конвенционалности, препуштете се на спонтаност.

Како специјалитети на куќата се домашно подготвени тестени јадења кои се печат на пирустија под сач. Единствено тука се нуди охридски ПРЕСНЕЦ и охридско КОШМИШПИТЕ кои домаќините ќе ги приготват пред вас. Секако, тука е неизбежниот комаТ под сач, но и не помалку атрактивните ПИТУЛИЦИ и ЃОМЛЕЗЕ.

Што сè ќе вкусите доколку сте нивни гости?

Она што самите тие органски го произведуваат на сопствената бавчичка и во сопствената фарма.

Добредојде: традиционално слатко од бели цреши или брендираниот новитет од малини; интегрални грисини; свежа салата; тиквички, печурки, црн патлиџан; сирење; намаз од лук или наут; пинџур или сос од домати; сармички од лозов лист; домашна ракија или ликер; компоти, чај, домашен сок... сето ова за мезе додека домаќините го подготвуваат главното јадење;

Трпеза по избор:

*ПРЕСНЕЦ со праз или со домашно мелено месо;

*КОШМИШПИТЕ со сирење од локални фармери или наши соработници;

*КОМАТ под сач со фил по желба (праз, блитва, коприви, киселец, спанаќ,...) со домашни селски јајца од природно хранети кокошки и сирење од локални фармери или наши соработници;

Ексклузивитет по договор: динстано домашно (од сопствената фарма) свинско месо потпечено под сач со сос од печурки;

Прилог +: домашно потквасено кисело млеко, домашно црно или бело вино, компоти или сокови од вишни, дренки, рибизли...уште свежи салати;

Заблажување: изненадување!!! старински охридски рецепт на некој сув или попарен колач кој одлично оди со варено кафе.

Забава и рекреација:

*разглед на домашната фарма (кокошки, потполошки, кучиња, зајаци, прасиња, патки, кози) со можност за галење, хранење и фотографирање;

*прошетка до нашата бавчичка и селската црква, околу селото и трите чешми кои бликаат со ладна изворска летничка вода, блиска шумска прошетка до селските лозја,....

*забавна друштвена игра за најмалите “Моја фарма“ ;

*„Учиме да сучиме“- час по месење, сучење и печење со домаќинката и за најмалите, но и за возрасните по желба;

*Гостинот: Што  можам да помогнам?- донеси ми јајца од кокошарникот, повади ја тревата, собери си малинки, оди скини домат за во салатата, стави дрво во огнот, подигни го сачот,....

*Гостинот: Каде да си пододморам?- на хамакот, на сунгерестите клупи, на креветчето в двор.....

Во „Пирустија Неданоски“ опуштете се- бидете дел од нивното секојдневие!

Остави Коментар