30.07.2026

Баба Лепа на 85 години прави едни од највкусните „кори“ во Македонија

Баба Лепа на 85 години прави едни од највкусните „кори“ во Македонија

Тимот на Кајак.мк е во вечна потрага по локалните херои од Македонија. Луѓето кои можеби никогаш нема да се појават на билборди, но секојдневно создаваат нешто што има огромно значење за развојот на автентичниот туризам во земјава.

Ние никогаш не сме се натпреварувале со масовноста. Нашата приказна отсекогаш била насочена кон бавниот начин на живеење, кон автентичната храна, кон семејните традиции и кон луѓето кои секој турист треба да ги запознае ако сака навистина да ја почувствува Македонија.

Токму затоа, денес тимот на Кајак.мк ви носи уште една ексклузивна приказна. Приказна за 85-годишната баба Лепа од неготинското село Пепелиште – жена која и денес со свои раце ги подготвува традиционалните домашни „кори“, односно јуфки, по рецепт што во нивното семејство се пренесува со генерации.

Свесни сме дека по оваа објава многу туристички агенции, платформи и организатори на искуства ќе посакаат да стапат во контакт со ова семејство. Искрено, тоа и е целта на Кајак.мк – да ги открива, промовира и поддржува луѓето кои со својот труд ја прават Македонија поавтентична и поинтересна туристичка дестинација.

Приказната за баба Лепа ни ја раскажува нејзината 23-годишна внука Мартина, со која тимот на Кајак.мк имаше можност да направи еден долг и искрен муабет.

„Во нашето семејство јуфките, или како што ние ги нарекуваме – кори, се подготвуваат уште откако паметам“, започнува Мартина.


„Мојата баба го научила овој занает од својата баба, мајка ми од неа, а јас од двете. Љубовта кон готвењето подоцна ме одведе и во светот на креирање содржини за храна, па токму така се роди идејата оваа семејна традиција да ја претвориме во нешто наше.“

Таа вели дека најголемата тајна не е во некоја мистична состојка.

„Најголемата тајна е љубовта. Ако ја немаш желбата, не можеш да направиш добри јуфки. Секако, потребни се и квалитетни состојки, но кај нас најважно е што целиот процес е 100 проценти рачен – од месењето, па сè до пакувањето. За разлика од индустриските производи, нашите кори се расукуваат рачно, токму како што тоа го правеле нашите баби.“

Мартина смета дека денес, повеќе од кога било, е важно младите да го зачуваат ова знаење.

„Јас имам само 23 години и сум неизмерно благодарна што научив од баба ми и од мајка ми. Денес е реткост млад човек да готви, а уште поретко да ја негува традицијата. Мора да го 'крадеме' знаењето од постарите, затоа што полека исчезнува.“


Интересно е што целата приказна започнала како обична семејна шега. Пред пет години додека правеле јуфки само за дома, Мартина и рекла на баба и и на мајка и, да замислат ова да им биде нивна секојдневна работа. Во тој момент нејзината мјка само се насмевнала и и рекла дека никој нема да купува јуфки кога речиси секој знае да си направи.

Но, Мартина не се откажала.

По само една недела објавила дека семејството изработува домашни кори и дека секој кој сака може да нарача. Во првата година имале десетина клиенти. Следната година, заедно со баба Лепа снимиле неколку видеа во кои искрено го покажале целиот процес на подготовка и луѓето зад брендот.

Токму тие видеа станале вистински хит на социјалните мрежи, достигнувајќи повеќе од половина милион прегледи.

Денес нивниот мал семеен тим го сочинуваат четири лица – баба Лепа, Мартина и нејзините родители – а бројот на задоволни клиенти веќе надминува илјада и продолжува да расте од година во година.

Најубавите реакции, вели Мартина, доаѓаат токму од луѓето кои ги дегустираат производите.


„Постарите најчесто ни велат дека вкусот ги враќа во детството и ги потсетува на нивните баби. Помладите, пак, за првпат ја запознаваат традицијата што ние се обидуваме да ја зачуваме.“

Процесот на подготовка воопшто не е лесен.

Работниот ден започнува уште во пет часот наутро. Се користат бело и интегрално брашно, селски јајца, млеко, а за тараната и гриз. Секоја тура од околу пет килограми се меси рачно, тестото се дели на топчиња, а потоа внимателно се расукува со сукало додека не стане доволно тенко.

По расукувањето, корите природно се сушат на сонце два до три дена, зависно од временските услови. Дури потоа се пакуваат во хартиени кесички и се испраќаат до клиентите низ Македонија.

„За една тура од пет килограми потребни се најмалку час и половина активна работа. Но ова е работа што бара големо искуство, трпение и посветеност.“

За ова семејство, најважно е традицијата да продолжи да живее.

„Сакаме да го зачуваме она што со генерации се пренесувало во нашето семејство и да останеме препознатливи токму по тоа. Денес се сè поретки луѓето кои навистина ја негуваат традицијата.“

Особено ги радуваат пораките од клиентите кои првпат ги пробуваат нивните производи.


„Неодамна добивме порака од повозрасна госпоѓа која ни напиша дека вкусот ја вратил во детството и ја потсетил на времето кога и таа правела вакви кори со својата баба. Имаме и родители кои за своите деца првпат купиле домашна тарана и јуфки, а денес тие деца растат со нашите производи.“

Иако домашните кори се изработуваат само во сезоната кога високите температури овозможуваат природно сушење, семејството веќе размислува за нови традиционални производи кои ќе бидат достапни во текот на целата година.

На крајот од разговорот со Мартина сфативме дека приказната за баба Лепа не е само приказна за домашни кори.


Тоа е приказна за една баба која и на свои 85 години секое утро станува пред изгрејсонце, за една внука која наместо да дозволи традицијата да згасне, ја претвора во инспирација за новите генерации, и за едно семејство кое докажува дека најголемите туристички приказни не се создаваат во луксузни ресторани и фабрики, туку во мали семејни кујни каде што секое парче тесто се расукува со љубов.

А токму таквите луѓе се причината поради која тимот на Кајак.мк секојдневно патува низ Македонија – за да ги пронајде, да ги раскаже нивните приказни и да покаже дека автентичноста сè уште живее.

Ние на Кајак.мк имаме искуство кое може да го резервира група од 4 до 5 лица за полудневно искуство во домот на баба Лепа, каде ќе имаат прилика да искусат како е да се подготвува домашни кори, а секако, да имаат прилика да вкусат од веќе подготвените.

Остави Коментар

Прочитајте повеќе

Хотел во Јапонија каде гостите не само што престојуваат, туку учат традиција стара со генерации

Хотел во Јапонија им овозможува на гостите да запознаат древна традиција, да посетат фарма и да научат како се подготвува традиционален ферментиран зеленчук.

Оваа планинска оаза е во Македонија и во неа може да се престојува!

Оваа планинска оаза е во Македонија и во неа може да се престојува!

Дали Македонија знае да го претвори филмот во туризам?

Од „The Odyssey“ на Кристофер Нолан до Мариово и македонските филмски локации – може ли филмот да стане нов двигател на туризмот во Македонија?

Август во Македонија: Каде да патувате кога сакате лето, но не и гужва?

Откријте ги најдобрите места за патување во Македонија во август – езера, планини, села и природа за совршен летен одмор без гужва.

7 природни места во Македонија за летно капење и разладување

Не се само езерата за летно освежување. Откријте 7 природни места во Македонија за капење и разладување, од реки и планински вирови до водопади и скриени места во природа.

Кога последен пат сте биле туристи во сопствената земја?

Откријте ги убавините на Македонија од поинаква перспектива. Идеи за излети, викенд патувања, скриени места, природа и автентични доживувања што можеби ви се поблиску отколку што мислите.