16.01.2021
Oткривам нови места бидејќи тоа ме потсетува колку е прекрасен животот!
Oткривам нови места бидејќи тоа ме потсетува колку е прекрасен животот!
Саботното кафе и опуштената атмосфера треба да ја надополните со едно добро патувачко четиво од Кајак.мк. Нашиот тим е среќен што успеа да ја пронајде идеалната личност која преку интервјуто на некој начин ни оддржа предавање на сите нас и ја направи границата помеѓу патувањето дома и патувањата надвор од државата. Запознајте ја Ели, која ние пак, си ја велиме Ели_карамели како што и гласи нејзиниот патувачки инста профил. Ели е педијатар, авантуристи и љубител на секакво патување.
НИЕ: Дали може да ни се претставите во две три реченици, како што сакате да ве знаат нашите патници/читатели?
ЕЛИ: Тешко е човек да се опише самиот себе си, но доколку треба да го направам тоа, би се опишала како исклучително енергична и позитивна личност. Човек кој се труди да го живее секој миг од животот со сите убавини и можности кои истиот ни ги дава.
Работејќи како педијатар ја исполнувам својата голема љубов кон децата и тоа е професијата која отсекогаш сум сакала да ја работам.
Голем вљубеник сум во планините и во природата и секој слободен миг се трудам да отидам на некоја од нашите планини бидејќи тие се еден од основните извори за моја лична среќа и исполнетост.
Обожувам
патувања, вкусна и добро приготвена храна, вина (особено македонски) и прошетки
во природа.
НИЕ: Како се вљубивте во патувањето и од кога?
ЕЛИ: Не знам
точно од кога, но знам дека патувањата секогаш биле дел од моето живеење.
Обожувам да патувам без разлика дали се во нашата мала и прекрасна Македонија
или надвор од неа. Патувањата ги сметам за вистинско бегство од секојдневната
рутина во живеењето. Тие се одличен начин да се разбие монотонијата на
секојдневието и обврските. Обожувам да патувам, макар тоа било еднодневна тура
до Попова Шапка, Маврово, Китка, Караџица, викенд покрај некое од нашите езера,
посета на некое македонско село или патување во некоја странска држава. Не е
битно каде, битно е само со кого (исклучиво добро одбрано и позитивно друштво)
и колку долго ќе трае.
НИЕ: Што ве привлече да истражувате и да откривате нови места?
ЕЛИ: Едноставно,
тоа е нешто кое го носите во себе. Лично, сакам да ја истражувам околината,
природата, животинскиот свет и целото совршенство кое го создава природата. Во
нови места на кои прв пат патувам сакам да го запознаам начинот на кој другите
живеат и секогаш се трудам да научам по нешто ново и по нешто корисно кое би го
применила и во сопственото живеење. Истражувам и откривам нови места бидејќи
тоа ме потсетува колку е прекрасен животот и колку сме благословени за сé што
имаме околу нас. За жал, не доволно сме свесни за тоа и воопшто не ја чуваме
ниту природата ниту она што го имаме околу нас.
НИЕ: Зошто планината?
ЕЛИ: Затоа што ми го надоместува изгубеното чувство на слобода кое градот ми го одзема.
Затоа што ме исполнува со мир.
Затоа што ми ја ослободува душата од негативна енергија.
Затоа што ми ги разјаснува мислите.
Затоа што ме тера да се спознаам себе си и да се изборам со самата себе.
Затоа што ме учи на стрпливост, истрајност, издржливост и дисциплина.
Затоа што
нема поубаво чувство и поубава глетка од погледот во хоризонтот на крајот од
целта.
НИЕ: Што е уникатно кај македонските планини?
ЕЛИ: Сé,
нивната бескрајна убавина, питомост и суровост. Прекрасните планински масиви
богати со шуми, зеленило и разновидни дрвја. Богатството од изворчиња, поточиња
и реки, ливадски цвеќиња во пролет и лето, експлозија и шаренило од бои во
есен, чисто белило во зима…. Не сум сигурна дека некаде во светот има толку
прекрасни планини и толку високи врвови на мал простор и толку блиску од каде и
да тргнете. Во Скопје, на само 20-40 минути возење од градот ги имате ,,на
дланка” Водно, Матка, Китка, Скопска Црна Гора. Во секој момент може лесно да
стигнете до врвовите на Јакупица, Даутица, Шар Планина, Бистра и Кораб. На југ ја имате Беласица. На исток
Осоговските планини. Од каде и да тргнете, имате некоја планина и врв за
уживање. Не сум сигурна дека постои некое друго место на земјата каде на толку
мал простор, имате толку многу планини во кои може да уживате, кога и да
посакате. Се што ви е потребно е желба. Опремата за планинарење е нешто кое се
собира постапно откако ќе одлучите дека планините може да бидат дел од вашиот
живот.
НИЕ: Имате и фотографии со деца на планина. Вие како педијатар, дали може да ни ги наброите позитивни страни од водењето на децата во природа?
ЕЛИ: Живеејќи
во градови кои имаат многу загаден воздух и живеејќи во време на зависност на
децата од електронски уреди, позитивните влијанија од водење на децата во
природа се и повеќе од очигледни. Чист воздух, физичка активност, дружење,
запознавање на природата и убавините на земјата во која живееме се најголемите
придобивки за психо-физичкото здравје на децата.
НИЕ: На што треба да внимаваат родителите кога ќе ги однесат децата во природа?
ЕЛИ: Најважни
се неколку работи. Потребна е добра и соодветна облека за детето. Најдобро е
слоевито облекување за да може лесно да се прилагодува спрема временските
услови, но и како заштита од инсекти и повреди после удари и паѓања. Постојана
и редовна рехидрација на детскиот организам со течности, пред се вода, чаеви, а
потоа и енергетски пијалaци од свежо цедено овошје кои ќе ги приготвите од
дома. Лесна храна и храна богата со брзи енергетски залаци кои ќе ја одржуваат
енергијата на детето на исто ниво во тек на целиот период на физичка активност.
НИЕ: Доколку летово бидат отворени границите, кои дестинации ги препорачувате со деца?
ЕЛИ: Нема
добри или лоши дестинации. Повеќе или помалку препорачливи. За мене прекрасен
одмор е и пет дена со семејството и децата на кампување со шатори на Големо
езеро на Пелистер или на Галичица. Или седум дневна тура со шатори низ точно
одредена рута низ Македонија. Надвор од Македонија, Грција е секогаш добар
избор поради близината, но ништо не може да се спореди со мирисот на бор и јод
во камповите поставени под борова шума на Хрватското приморје. Што и да одлучите,
каде и одите и да бидете сместени, најважно е да го правите она кое го сакате,
и да уживате во работите кои ги правите, на начин кој вас ве прави среќни.
НИЕ: Која е вашата цел во 2021 година?
ЕЛИ: Мојата цел за 2021 година е многу уживање низ Македонските планини и желба за отворање на границите и продолжување со патувањата таму каде застанавме минатата година.
Блог
Препораки
Прочитајте повеќе

Ова не е во Швајцарија — Ова е Македонија! Нов планински хотел со поглед кој освојува
Хотел Белица во Горна Белица. Нов и модерно реновиран хотел кој мора да го посетите!

Вила со базен со солена вода, џакузи и сауна во Дојран достапна на Кајак.мк
Сместувањата во Дојран добиваат силна конкуренција со појавата на нова, модерна вила која нуди врвно уживање и релаксација. Располага со базен со солена вода, џакузи и сауна – совршена комбинација за одмор и опуштање.

Успешен тим билдинг со SEMOS CLOUD: Море, сонце и тимски победи!
Тим билдинг со SEMOS CLOUD: Tимски дух и позитивна енергија. Зарем не посакува човек да работи во една ваква компанија?

Аристократ продолжува да сади иднина – годинава во Неготино!
Тим билдинг со етно музика, традиционални игри и вкусна локална храна, ја заокруживме уште една незаборавна авантура.

Приватни вински доживувања со Кајак.мк – летна магија во семејни винарии низ Македонија!
Вински дегустации, вински вечери, приватна атмосфера и уникатно доживување!

Предлог пикник дестинација: Рибничка река
Дали сте слушнале за Рибничка Река која важи за една од најголемите притоки на реката Радика?