06.08.2020

Во Македонија има хотел кој плени со охридска архитектура

Во Македонија има хотел кој плени со охридска архитектура

Хотелски комплекс „Десарет“ - Пештани, дело на архитект Пантелеј Митков. Еден од бисерите на македонската хотелска архитектура од XX век, граден од 1971 - 1973 г., отворен 1975 г., со дополнителен анекс од 1984 г.

Уникатниот комплекс е најспецифично проектно обликовно решение од доменот на хотелската архитектура во Охрид, а веројатно и во цела Македонија.

Умешно е направена извонредна реинтерпретација на охридската архитектура преку решавање на крововите на школски, традиционален начин, употреба на охридски кровен венец, и примена на олучеста (полукружна) ќерамида која е традиционално користена на овие простори со векови.


Тенденцијата да се истакнат традиционалните материјали е видливо со обемното користење на дрвото како материјал. Од него се изработени прозорските рамки и балконските огради, а намерно е видлива и потконструкцијата од стреите со цел да бидат видливи дрвените рогови, косници и опшивки. Освен тоа, доминантно видливи се и полутранспарентните дрвени брисолеи, какви што се и преградите помеѓу балконите. Дрвото е користено и во внатрешноста на објектот: за ѕидни облоги, спуштени плафони, огради и разни декорации.


Ваквото користење на елементи од традиционалната охридска архитектура е вешто искомбинирано со елементи на модернизмот како што се широките тераси, истурените и доминантни стреи, и големите фасадни отвори.

Композициски, хотелот е од павилјонски тип, а уште еден елемент присутен од модерната архитектура се неколкуте мостови (дел отворени, дел затворени ходници), со кои се меѓусебно поврзани павилјоните.


Главниот влез во хотелот е под еден таков затворен мост кој ги поврзува првиот дел од хотелот со анексот од 1984 г., и кој истовремено претставува широк наткриен трем под кој поминува автомобилскиот пристап до главниот влез. Ова е можеби мала симболична аналогија на улиците-темници од типот на „Коста Абраш“ во Охрид, кои поминуваат под првите катови на куќите.

Посебно впечатливи се и одвоените девет вили кои претставуваат целосна аналогија на охридската куќа, и кои на некој начин формираат „маало" на стрмен терен во рамки на хотелскиот двор. Ова „маало“ има тесни стрмни премини помеѓу куќите, дел од нив решени со скали, а местимично е користен и каменот како материјал. Ваквото решение е веродостојна реинтерпретација на охридските маала.


Особено внимание е посветено и на партерното уредување. Хотелските објекти се „насадени“ низ партерот, не ја нарушуваат неговата природна топографија, а нивните влезови се од неколку различни нивоа. Партерот е прошаран со скали и патеки под наклон, избегнувани се прави агли со цел движењето да биде поприродно. Ваквото органско решавање на партерот е аналогија на стариот град во Охрид, кој се развивал органски, но спонтано растејќи низ годините.


Со отворањето на хотелот во 1975 г., селото Пештани и дефинитивно се приклучува на мапата како еден од најпознатите езерски туристички центри во Македонија.

Се надевам дека нареден пат кога ќе го посетите, ќе обрнете внимание на горенаброените специфичности без да треба да имате формално архитектонско образование.

Бошко Видоески

#МакедонскаАрхитектура
#НаучиНештоПлусЗаМакедонија

Остави Коментар

Прочитајте повеќе

The Dude Specialty Coffee Skopje – #30 во Европа меѓу најдобрите кафулиња 2026

The Dude Specialty Coffee Skopje се рангира на #30 во Европа и меѓу 100-те најдобри во светот за 2026, потврдувајќи ја растечката specialty coffee сцена во Македонија.

5 работи што туристите ги снимаат во Македонија, а локалците често ги игнорираат

Откријте што најчесто снимаат туристите во Македонија – сцени и моменти од секојдневието што локалците често ги занемаруваат, а посетителите ги доживуваат како автентична вредност.

Колку навистина чини еден викенд во Македонија?

Реална анализа на трошоците за викенд патување во Македонија – сместување, пат, храна и активности. Колку треба да издвоите за кратко бегство од градот денес?

Тим билдинг исполнет со адреналин, креативност и забава

Тим билдинг исполнет со адреналин, креативност и забава.

Топлотен бран во Европа: Како екстремните температури влијаат на летниот туризам во 2026

Екстремен топлотен бран со температури над 40°C ја зафаќа Европа. Дознај како жештините влијаат на туристичките патувања, дестинации и летниот туризам во 2026.

Неделно Откритие од Македонија: Бабуна Пешти – скриен кањон кај Велес

Откриј ја Бабуна Пешти кај Велес, тесен кањон со варовнички карпи, природни пештери и недопрена речна природа, идеален за љубители на авантура и мир.